header image
 

реклами

реклами, реклами… секаде околу нас. на билборди, на телевизија, на коли, на автобуси, на јадењето, на пиењето, на комукацијата, на мозокот, на животот. така е добро осмислено, за каде и да се завртиш, мора нешто да ти го одвлече вниманието кон продуктот. купи ме мене, подобро сум спакуван, јади ме мене, имам 30 проценти повеќе вистинско месо и слични глупости. стварно незнам од кај да почнам со набројување на маркетиншките глупостарии. да почнам од обичен ден. будење од кревет. ок. нема реклами. идење во веце и одма за добро утро…реклама! и тоа на пастата за заби. значи не е обична регуларна паста, туку оваа е ADVANCED CLEAN. да, да. незневте?!? научниците од Наса ја развивале неколку години само за да напредно ги исчисти вашите заби. и тоа само заради вас, зошто вие сигурно не се задоволувате со ништо помалку од напредно и екстра и ултимативно чисти заби… и пазете на овие воздушести англиски зборови како advanced, extra, super, total, ultimate, и слични англиски деривати кои ги дујат самите реченици во кои се поставени. од веце, облакање и правец накај автобус, со чипс во рака. на светкавата фолија е напишано НОВО! ахам…. значи ново, а?!?! а од кога тоа пржен компир во зејтин е нова работа?!??! многу иновативно, стварно. некоја си таму уљосана фабрика измислила милијардита форма на чипсот, и одма тоа се зема за нова работа во светот… додека чекам автобус, си мислам дека стварно добра им беше идејата со страничните реклами и лепенките на автобусите. тоа му доаѓа како еден вид на автобуска шминка, а и успут ги држат тие рѓосаните лимови да не одлетаат кога мајсторот гази на папучица како да цеди грозје за вино… а внатре во автобусот, како зрели гроздови виснале (стварно незнам кој ли ги измисли) пластични рачки со пикнато рекламно хартивче во нив. и таман се поставени на висина да те маваат во глава кога поминуваш. како да ти викаат, ејј… ејјј…  чук, чук, мисли на мене. вешто маневрирајќи низ тој простор од жедни реклами седнувам на столчето и гледам низ прозор да ми пројде време. градот накитен на секое можно место со билборди, плакати, (не плакати :) ) виснати траки и екстра (тотална распродажба) попусти. ме чуди како нечии прозори се покриени и не добиваат сонце, само за пред нив да виси платно на кое пишува one. секаде заедно. ууффффф….. се наежив на самата помисла. операторот ти кажува дека е секаде заедно со тебе, ЕЈЈЈ!!!! СЕКАДЕ ЗАЕДНО!!!! значи неможеш да му побегнеш ни минута. тој е со тебе и кога спиеш и кога се будиш и кога се возиш и кога си во веце и кога нејќеш да си со никого, тој е со тебе. стварно мене ми е језиво. после тука се оптимистичките и секогаш весели реклами на кока кола, кои ги развиваат цел тимови на психолози и социолози, за само да подобро се залепи за народот. да не спомнувам дека т-мобиле ја има заштитено со патент таа неговата розева боја. да патентираш некоја боја која ја има во природата…. незнам што да кажам…. така поминува идењето на работа, и некако слично е враќањето дома по истиот пат. дома укључувам телевизор и гледам неколку жени се собрале и дожививаат колективни лсд халуцинации, дека се на ливада и живеат во утопија, и сето тоа заради новиот омекнувач на алишта, кој е за 20% помиризлив и поефтин од сличните на него. а секогаш најбитните информации се напишани со најмали букви. таму доле на екранот едвај читливо се приметува дека направиле тест на 400 испитаници. па добро, од 2.000.000 народ сигурно нејќеш да се заебеш и да им веруваш на другите 1.999.600 луѓе. исто едната од моите фаворити е и репликата од една банка за фаќање на јадица – имаш и кога немаш. ПА КАКО ПОБОГУ, МОЖЕШ ДА ИМАШ И КОГА НЕМАШ!!!?!?!?!!! уствари сакаат да ти кажат дека ќе имаш додека имаш со што да гарантираш, а после тоа ќе немаш НИШТО! зошто додека така си пееш имам и кога немам, и изнакупиш еден милион непотребни работи со 500 кредити, ќе имаш инфаркт кога ќе немаш со што да го отплатиш тој кредит. можам да дробам до милион за ваквите ефтини финти на маркетингот, ама за на крај мора да го спомнам и EXTRA PROTECTION CAP на скопското пиво од литар и пол. приметете дека е на англиски само за да звучи побитно и во себе содржи extra, само за да го надуе значењето. текстот што иде под него пишува дека е за да задржи свежината на пивото. значи додатната хартија што секад се лепи на прсти, е таму за да го заштити нашето мило пиво. исто така има и “подобрен дизајн” зошто пред таквото капаче многу луѓе си кршеа прсти…. yeah right! и за на крај пишува дека е перфорирано за полесно отварање. значи дно дна. ако ми се пие пиво нема таква сила која ќе ме спречи да го отворам било да е со хартија, пластика или титаниум обвиткано. ууфффффф….. излеа треба да си легнам…. а вас ви оставам за добра ноќ, една рекламна заспиванка, од мојот најдобар комичар George Carlin :)

YouTube Preview Image

каде сум

мене.

ќе ме најдеш надвор во најладната ноќ и во најтоплиот ден.

седнат на клупа, бетон, земја.

најчесто со музика во мојата глава и со пластична чашка во мојата рака.

со поглед кој ги приметува несвесните потези.

со точак кој ги поминува и најдолгите разговори.

таму сум, каде што има доволно насмевки позади шалчињата и доволно љубов на улицата.

измеѓу висината на емотивните кровови и тајноста на љубовните лифтови.

во пекарата каде сум крцкаво зборлив како свеж ѓеврек во 4 наутро.

на местото каде исчезнуваат ракавиците, границите и зборовите.

остануваат само мислите.

надвор е местото за мојот живот.

ова е местото за моите мисли.

ретко се без цел, и затоа не правам бесцелни разговори само за да пополнам место на блогов.

можеби некогаш се различни од мојот живот, но знаеш дека се криеш во нив.

немаат волумен кој може да го осетиш, но имаат енергија што те замислува.

ова не е мојот дневник, ова е мојот оџак за поврзани зборови.

потпрани се како катови, а средени како паркот во летото 2005…

а ќе ме најдеш и таму. зошто јас не живеам тука.

тука живеат само моите мисли.

контакт

во телото имам вградено еден чуден прекинувач.

кога е вклучен сум тука и со тебе, а кога е исклучен – не постојам.

реагира на твоите мисли, а се наоѓа помеѓу нашите зимски насмевки и винските срца.

направен е од тврда пластика, излиен во црвена среќа, а од неговите контакти летаат топли искри.

и немораш ништо да кажеш, зошто ти го вклучи со поглед, ти и ќе го исклучиш без зборови.

како што посакуваш.

компарации

имам природни мисли како свежо исцеден сок од твојот мозок.

ладен сум како возење по оваа снежна вечер со точак, по мокрите улици без ракавици на дланките.

топол сум како намерно изгризана усна, за да е црвена и топла за еден бакнеж.

образите ми ја имаат бојата на бамбус помешан во однос 90:10.

те опкружувам како ветерот околу кој струи и се прекршува околу твојот врат.

те гледам тајно како камерите кои се поставени за “контрола на сообраќајот”.

те наросувам толку суптилно со моите зборови како снежецот од водно.

мислам на тебе како ситните мравки со крила кои мислат да летаат кога ќе затопли.

се протнувам низ твојата коса како мислата за последната оценка на факултет.

ја одгризувам твојата душа како куче заразено со дифтерија.

и пак ТЕ САКАМ.

мириси

ги памтам мирисите на телата.

не на облеката, не на косата, не на вратот.

на телата.

зошто сум ебано животно. како тебе.

животно кое лае, `ржи, гризе, лиже, седнува, се гали, се топли, спие.

со твоите заглавени изгребани клетки во мојот нос.

есенцијата на ткивото која испарува од кожата, издлабува канали со твојата форма во мојот мозок.

и секогаш кога ќе се гушнеме за поздравување,

мирисите се претвораат во совршени спомени, кои перфектно налегнуваат со благо кликање во тие канали.

тогаш горниот капак на едното око благо ми заигрува.

а ти мислиш дека сум нервозен.

деновиве

каде беше седум? дипломираше и не напушти? каде беше деновиве?

…….

деновиве ги поминав со лицето на седиштата по возовите.

деновиве ноќта ми го испи денот.

деновиве јас ја испив ноќта.

деновиве имав насмевка во форма на срце.

деновиве срцето ми беше полно со вино и пиво.

деновиве беа слатки како колаче, уморни како Сизиф, и солени како пот.

деновиве ветерот дуваше посилно од моите зборови, а снегот не ме покриваше како тебе.

деновиве водухот беше некако посебен, како да беше увезен од друг град.

деновиве излегоа од моите мисли, и се најдоа во мојот живот.

деновиве ви ги давам во форма на неколку зборови, а јас себично ќе ги заврзам за мене со седум конци.

дипломец

да, да, дипломирав. и тоа се случи. да, на машински. некои викаат дека е еден од најтешките факултети кои постојат, помеѓу медицина и електро. и дипломирав после 7 и пол години на него. имаше еден легендарен филм со дастин хофман, кога тој беше дипломецот и имаше афера со мајката на една девојка. од таму потекна и песната hey mrs. robinson…. и сличните негови авантури. научив многу работи на факултет, да. научив како да чекам во редови, кои ќе ме очекуваат на скоро секој шалтер во земјава. научив како да измислуваш неверојатни изговори за да добиеш една мочана 6ка. го усовршив моето препишување, искрено повеќе препишував на факс одколку во средно. имав предмети како статика…. статика, да! можам да ти пресметам ако си пијан, под кој агол ќе паднеш од столчето и колкава ќе ти биде површината на скршената лобања! со термодинамика ќе ти го најдам факторот на греење на твоето тело кога се наоѓа под два слоја на дебели ќебиња во оваа зима… теоријата на движење ме научи како да ти ја пресметам твојата аеродинамичност заедно со таа капа која ти штрчи на главата, затоа што не е твоја. математиката ми објасни колку просечно зборови сум ти кажал во минута, и наспроти тоа, колку во просек си ми кажала ти.

ама не постои таков предмет кој ќе ми ја пресмета веројатноста на делување на кажаните зборови. нема шанси да знам колку ќе ти влијае секој мој, за мене секојдневен гест, врз твојата матрица од мисли. невозможно е да се нацрта графикот на привлечност меѓу две човечки единки. досега не е изнајдена равенка за влијанието на напишаните дигитални букви, врз ненапишаниот пудингест мозок. зборам за факултетот на животот. факултетот кој не учи на тие работи, кои никаде не се предаваат. факултетот кој е изграден од искуства, надежи и разочарувања. никаде не постои предмет кој не учи како да живееме. тоа е најтешкиот предмет на факултетот на животот. и секој ја зема дипломата од факултетот на животот, кога ќе го заврши. а факултетот на животот ќе заврши кога ќе ……

седум чувства

ладно ми е, кога неможам да ги исправам

прстите

после возење со точакот.

знам дека врне снег, по тоа што

капата

од зелена, ми станува бела.

дождот го регистрирам, по испрсканата лента на

грбот

од задното тркало без калник.

дува силен ветер, кога не ја слушам музиката од

слушалките

кои ми се пикнати во уши.

заморно е, кога ќе се потрошат

батериите

а имам уште пола пат за возење.

насмеан сум, кога ја гледам

зградата

каде што живееш.

убаво ми е, кога лежиме заедно на

подот

и не зборуваме

ништо.

о кеј

широкиот простран кеј

исончан со жедното сонце на 60-тите

потопен од прекумерните надежи

искршен од текот на водната природа

намокрен со тајните бакнежи на клупите

украсен од биолошката екипа

офарбан од рептилните бебиња

израдуван со годината на собирање

денес прекопан по вените на постоењето

ја чека својата песочна ренесанса

хаосот е прв и последен знак.

пекарот (шефот)

во градот на врвот на светот, имаше една чудна пекара. всушност, не беше типична пекара, во неа се готвеа многу работи за околните жители. пекарот, или готвачот беше толку дебел што мевот му личеше на екваторот, облеката која ја носеше секој ден му беше толку радосно испрскана со брашно и зачини, што наликуваше на детско нацртана географска карта. сепак, народот кој редовно купуваше храна од кај нашиот пекар, не се чустуваше непријатно гледајќи го неговиот шарен исфлекан глобус, можеби затоа што беше навикнат на секојдневното шаренило. и беше навикнат на вкусните устооближувачки свежи специјалитети кои се готвеа само за нив, секој ден во неделата, без престан. да, пекарот беше многу вешт и никој незнаеше како успева да ги направи сите тие вкусни лепчиња, гевреци, бурекчиња, банички, колачиња, кремови, торти, радости, инстинкти, голтежи. најчудното нешто беше купувањето… кога ќе влезеше некој човек, пекарот го погледнуваше во очи, и без ништо да каже му завиткуваше парче храна кое му го даваше преку пултот, притоа триејќи се со стомакот од старата излижана иверка. само тој што јадеше знаеше што има завиткано во хартијата, некогаш беше сладок залак, некогаш солено тесто, а некогаш дури и горчлив јачмен.

а тоа не беше некоја посебна вечер. беше меланхолична зима, времето во кое расте зимската депресија. по полувлажната улица со шахти кои испаруваат, чекореа четири нозе. две женски и две машки. две тела. едно женско и едно машко. беа прикриено весели во себе додека ја газеа улицата, а осеќаа и чудна глад околу нив. патот, како и секој друг, ги водеше покрај пекарата. ветерот им го донесе мирисот на светот, и двајцата знаеја дека требаше да влезат таму. старата дрвена крцкава врата се отвори по шестмилијардити пат, пекарот се насмеа и отиде во магацин за да земе нешто. додека чекаа да се врати, женското и машкото ги галеа мачките и кучињата кои се врткаа околу нивните нозе. пекарот дојде со две полни вреќи и ги остави на работната маса. на едната вреќа пишуваше сол, а на другата шеќер. над масата висеше пожолтена дрвена табла, на која прецизно со тенка четкичка беше напишано “ние сме она што јадеме”. пекарот погледна во неа, вешто ги одврза вреќите и со насмевка ги истури солта и шеќерот на масата. почна да ги меша фините кристали со потези на уметничко лизгање. солта и шеќерта, и двете природно бели, се зближуваа се повеќе и повеќе и за чудо почнаа да се прилепуваат меѓу себе. женското и машкото, гледајќи со чудење во необјаснивата фузија, на миг им се причини дека прскаат искри помеѓу рацете на пекарот. мазните движења на рацете директно се пренесуваа на слаткосолената мешавина која почна да заличува на живот. конечно, пекарот ги истресе рацете од престилката, и им го подаде незавиткано неговото ремек-дело на машкото и женското. тие го гледаа со чудење, шеќерот и солта споени заедно во заедничка форма на галење. излегоа заедно во ноќта, оставајќи го пекарот загадочно насмеан. се согласија заедно да го загризаат првиот залак. со затворени очи и жедно исчекување шеќерот и солта почнаа да се топат на нивните јазици. нивното тело сеуште немаше развиено сензори за таков величествен вкус. вкус што предизвикува топли грчеви и длабоки погледи, фино гребење помешано со чисти воздишки. вкус со радост на дочеканиот допир и неизвесноста на наредниот. тој вкус ги натера машкото и женското да гледаат со затворени очи и да пловат по прашањето на спротивноста, чудејќи се кој е навистина пекарот, и како го спои неспоивото. си поделија меки насмевки и продолжија заедно по улицата. тоа што почна како непосебна вечер, заврши со исклучителен ден.

а пекарот уште е на истото место. и кога е насмеан, прави чудни комбинации на вкусови.

само треба да уживате во нив.